Скопје е на прагот на уште една преродба. Градот што како птицата Феникс повеќепати досега се издигнувал од сопствената пепел и израснувал поголем и поубав ќе добие сосема нов лик во 2014 година. Ќе личи по малку на Рим, на Виена или на Софија, но нема да изгледа како сегашното Скопје. Всушност, разликата ќе биде толку голема, што ако некој скопјанец денеска тргне на петгодишна арктичка, амазонска или сахарска експедиција (која подразбира некористење телефони, компјутери, телевизори и други современи средства за комуникација), нема да може да го препознае градот во кој се родил и каде што живеел целиот свој живот. Ќе познае дека се вратил дома само по тоа што на најголемиот број регистарски таблички на возилата ќе пишува СК, вклучувајќи ги овде и новите двокатни автобуси, кои вчера беа претставени во визуализацијата на проектот, па можеби ќе се набават додека тој се спроведе.
Но фали еден клучен елемент во ова повторно фениксовско преродување, односно обновување на градот. Пепелта. Трагичната двомилениумска историја на градот ги забележала неговите големи подеми само по огромните катастрофи што му се случувале. Скупи бил збришан со земјотрес за да се создаде денешното старо јадро со делови од тврдината Кале и од чаршијата. Уште еден потрес во 1555 година придонел поранешниот византиски град да се отоманизира и да блесне како ориентален бисер, сé додека Пиколомини не го изгорел во 1689 година. Долго време му требало на Скопје, но закрепнало и по тој настан. Сé е кажано за 1963 година, пак, која сé уште стои како отворена рана кај многу скопјани, а по која го добивме денешниот град, барем петпати поголем од предземјотресниот.
Така беше досега, но денес првпат некој одлучи да го обнови, освежи и да го измени градот без тоа да биде неопходно како санација на последиците од некоја природна или неприродна катастрофа. Капитален проект каков што градот не видел во својата историја, освен во моментите кога морал да види. Првпат на некого му текна дека Скопје може да се развива целосно и осмислено и во него може да се градат објекти како дел од еден голем план и проект, а не според сечии индивидуални желби, односно секоја зграда да си биде своја приказна. По неколку децении, дури и по половина век, ќе добиеме нови капитални и репрезентативни објекти, како и нови споменици. А градот го заслужува тоа. Целиот овој план ќе има и позитивно влијание врз економијата, особено врз градежништвото, бидејќи ангажирањето на целата оператива и развивањето на тој сектор, кој со себе повлекува развој и на многу други гранки во стопанството, е докажано најдобра мерка за излегување од криза. А откако Владата ќе ги изгради сите овие нови објекти за во нив да смести значаен дел од својата армија чиновници, граѓаните потоа оправдано ќе може да бараат нови училишта и градинки, патишта, амбуланти и други потребни објекти, затоа што од државниот буџет ќе се штедат големи суми што сега се плаќаат за скапи кирии.
Дали Скопје ќе биде поубаво во 2014 година? Можеби, а можеби и нема. Зградите што ќе се прават и фасадите што ќе се реконструираат ќе бидат во архитектонските стилови што низ Европа се употребувале пред два-три века. Но тоа се стиловите што Европејците грижливо ги чуваат и денес, како дел од своето културно наследство. Значи едно е сигурно - Скопје ќе изгледа поевропски, а дали на убав или на грд и смешен начин, ќе видиме. Ќе ни треба малку повеќе објаснување за тоа како македонскиот идентитет ќе проникнува низ фасади со западноевропски лик, а ќе биде потребно и малку време за да се свари и фактот дека Агенцијата за електронски комуникации ќе биде сместена во зграда што ќе потсетува на 17 век. Но какви и да се објектите, штом ние ги градиме, наши се. А колкава ќе биде нивната вредност од културен, архитектонски или од туристички аспект, не можеме да кажеме денес, иако деновиве се очекува да има бура од коментари на темата Скопје 2014, која одвај ќе може да ја стивне дури и некој радикален настан, како на пример инстант-решение за проблемот со името. Во наредниве денови ќе слушнеме илјадници пофалби и критики, некој ќе се воодушевува, друг ќе се гади, трет ќе се смее, четврти ќе се чуди. Сепак ќе мораме да оставиме времето да покаже дали проектот Скопје 2014 има или нема некаква вредност. Г олем број капитални проекти што целосно го менувале изгледот на градовите низ светот биле контроверзни кога се граделе. Насекаде при вакви промени се слушале критики за тоа дали ова ни е потребно, зошто ги трошиме парите и на што ќе ни личи градот по една таква темелна реконструкција. Всушност, и самата Ајфелова кула за малку ќе била урната откога се изградила, затоа што на тогашните парижани им изгледала како чир во срцето на нивниот град, грдосија од куп железо и ништо друго.
Што ќе ни претставува Скопје 2014 најдобро ќе знаеме во 2024 година. Наш доказ за тоа е и музејот-куќа на Мајка Тереза. Кога се избра проектот, кога почна да се гради и додека се ѕидаше фрлавме со дрва и со камења по неа. Денес сé уште плукаме по оваа чудна градба, но таа стана најпосетуван објект во Скопје во 2009 година. Ете, кој да знаел тогаш. |
|